Ayhan Şimşek
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Германија повторно повика на воспоставување „заштитена зона“ во северозападна Сирија за милиони цивили што бегаат од нападите на режимот на Башар ал Асад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, за германската новинска агенција ДПА (DPA) изјави дека европските земји треба да преземат поголема одговорност за да ги намалат тензиите и да го трасираат патот за политичко решение на конфликтот во Сирија.
„Добро е што канцеларката Меркел е во контакт со францускиот претседател Емануел Макрон и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за тоа дали заштитената зона би била корисна за да се обезбеди итно потребната хуманитарна помош за луѓето во регионот“, рече таа.
Крамп-Каренбауер остро ја критикуваше поддршката на Русија за режимот на Башар ал Асад и изрази скептичност во врска со заложбата на Москва за Договорот од Сочи 2018 година склучен со Анкара за намалување на тензиите во северозападната сириска област Идлиб.
Таа тврди дека за разлика од Русија, ЕУ и НАТО се веродостојни партнери на Турција.
Германската министерка за одбрана ги повика европските и американските партнери да извршат понатамошен притисок врз Русија по зголемените тензии во северозападна Сирија
„Верувам дека ЕУ и САД мораат истовремено да извршат притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и Асад за да го отворат патот за политичко решение за сириската војна“, изјави Крамп-Каренбауер.
Речиси 4 милиони цивили се заробени во последното опозициско упориште на Идлиб, поради неодамнешната воена офанзива на режимот на Асад со поддршка на Русија и силите поддржани од Иран во регионот.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“, откако 34 турски војници загинаа во Идлиб, кој се смета за деескалациска зона во северозападна Сирија.
Во 2018 година, Турција и Русија се согласија да го претворат Идлиб во зона за деескалација, во која строго се забранети актите на агресија.
Но, режимот и неговите сојузници, вклучително и силите поддржани од Иран, постојано ги кршат условите за прекин на огнот, започнувајќи чести напади во рамките на територијата.
Повеќе од 1.300 цивили загинаа во ваквите напади во деескалациската зона во Идлиб, при што 1,7 милиони бегалци се упатија кон турската граница со Сирија.