Ayhan Şimşek
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
БЕРЛИН
Германија ги поздрави напорите на Турција за изнаоѓање дипломатско решение за кризата меѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на прес-конференцијата во Берлин, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Кристофер Бургер, рече дека Германија е во близок контакт со европските и НАТО-партнерите во врска со најновите случувања.
„Ние секако го поздравуваме секој напор за решавање на актуелниот конфликт“, рече Бургер, одговарајќи на прашањето за напорите на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, да ги олесни преговорите меѓу Украина и Русија.
„Турција е партнер на НАТО, а ние сме во координација и со нашите партнери во НАТО“, додаде Бургер.
По посетата на Киев во четвртокот, Ердоган рече дека понудил да биде домаќин на самитот на руските и украинските лидери во Турција, со цел да деескалираат тензиите и да се постигне дипломатско решение за актуелната криза.
Украина и Русија се во конфликт откако избија непријателства во источниот регион Донбас во 2014 година, откако Москва нелегално го анектираше полуостровот Крим.
Русија собра илјадници војници во близина на границата со Украина, што ги зголеми стравувањата дека би можела да планира нова воена офанзива против поранешната советска република.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници предупредија на неизбежен напад и се заканија со „тешки последици“ за Русија.
Сепак, Москва негираше дека се подготвува за инвазија на Украина, тврдејќи дека руските војници се таму за да спроведат вежби.