Elvir Hociç
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лејен ги негираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Германија на НАТО и на САД им должи голема сума на пари, јавува Anadolu Agency (AA).
Ден по состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот претседател Трамп преку социјалните мрежи ги изнесе тврдењата дека Германија должи голема сума пари на НАТО и на САД и порача дека Берлин мора повеќе да плаќа за скапата одбрана што ја добива.
Денес, на тие тврдења реагираше германската министерка за одбрана Вон дер Лејен, која изјави дека Германија нема долг кон НАТО, но и дека е генерално погрешно да се зборува за бараното издвојување на два отсто од бруто националниот производ за одбрана и тоа само во одос на НАТО, бидејќи земјите како Германија имаат и други мировни мисии и борбата против ДЕАШ.
Таа додаде дека сите сакаат товарот на одбраната да биде поделен чесно.
„За да се случи тоа потребно е да се има модерен безбедносен концепт кој вклучува модерен НАТО, но и европски одбранбен сојуз и вложување во ОН”, изјави германската ресорна министерка.