Erbil Başay
07 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
БЕРЛИН (АА) - Околу 50.000 лица кои живеат во германскиот град Хановер, се евакуираат од нивните домови во рамките на активностите за деактивирање на пет бомби кои останале од Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на општина Хановер, во 9:00 часот наутро започнал процесот на евакуација на лицата кои живеат во подрачјата Вахренвалд, Лист и Нордстат.
Во соопштението се наведува дека за процесот на евакуација мобилизирани се околу 2.500 полицајци, пожарникари и други тимови.
Исто така, во соопштението се наведува дека во попладневните часови ќе започнат активностите за деактивирање на петте бомби, кои биле пронајдени во текот на изградба во подрачјето Вахренвалд, и се очекува да завршат во вечерните часови.
Според соопштеното, со цел се осигура дека секое лице е евакуирано од регионот, хеликоптер ќе го контролира подрачјето со термални камери.
Германските медиуми пишуваат дека бројот на бомбите може да е поголем.
Општина Хановер обезбеди центри за престој на лицата, евакуирани од своите домови. Исто така, соопштено е дека се организирани и различни културни активности за оние кои не сакаат да го поминат времето во овие центри.
Од друга страна, жителите се предупредени дека улиците кои водат кон подрачјата се затворени, и во текот на денот ќе има доцнење, но и откажување на одредени железнички и останати превозни линии.
Слична евакуација се случи во декември во градот Аугсбург, поради деактивирање на бомба останата од Втората светска војна, кога од домовите беа евакуирани 54.000 жители.