Adam Abu-bashal
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
КАНО (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека целосно го поддржува пристапот на нигериските власти во борбата против терористичките закани во нестабилниот североисточен регион на земјата и истакна дека само воените операции не можат да стават крај на тероризмот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на посетата на Нигерија, во последниот дел од неговата мини-африканска турнеја насловена како „Рамазанска солидарност“, генералниот секретар на ОН, Гутереш, најпрвин ја посети нигериската држава Борно, каде што е активна терористичката организација Боко харам.
Говорејќи на прес-конференција во Маидугури, епицентарот на терористичките напади во Нигерија, Гутереш рече дека напорите на нигериските власти да изградат доверба меѓу цивилното население, да ги поддржат жртвите на тероризмот и да обезбедат безбедно и достоинствено враќање на раселените лица и бегалците, помогнале во борбата против тероризмот.
„Нигериската Влада не само што разбра, туку го зазеде вистинскиот пристап во борбата против тероризмот“, рече Гутереш.
Нагласувајќи дека само воените операции не можат да стават крај на тероризмот, Гутереш нагласи: „Важно е да се изгради доверба кај јавноста и да се зголеми поддршката за егзистенција на семејствата на жртвите од терористичките напади.“
Тој, исто така, рече дека ги видел жртвите на тероризмот во кампот за раселени лица како се смеат, и покрај почетниот очај и страдање што го обземаат тоа подрачје.
Гутереш побара од меѓународната заедница да ја поддржи Нигерија и нејзиниот народ во борбата против тероризмот.
Тоа беше прва посета на Гутереш на Нигерија откако стана генерален секретар на ОН во 2017 година. Пред да пристигне во Нигерија, Гутереш посети уште две африкански земји, Сенегал и Нигер.
Повеќе од 20.000 луѓе загинаа во масовните акти на насилство организирани од терористичката организација Боко харам, која постои во Нигерија од почетокот на 2000-тите, а спроведува напади од 2009 година.