Selen Temizer
22 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, соопшти дека сојузниците постигнале договор за првата Стратегија за вештачка интелигенција на НАТО, со која се создава фонд од 1 милијарда евра за иновативни проекти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одговараше на новинарски прашања на крајот од состанокот на министрите за одбрана на НАТО што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел, Белгија.
Столтенберг, нагласувајќи дека министрите за одбрана денеска се сретнаа во рамките на Групата за нуклеарно планирање, рече дека соработката по однос на ова прашање е важна за да се осигура дека НАТО е сигурен нуклеарен сојуз, сѐ додека нуклеарното оружје се користи за одржување на мирот.
„Сојузниците денеска потпишаа договор за создавање Фонд за иновации на НАТО. Очекувам овој фонд да инвестира 1 милијарда евра за новите технологии“, нагласи Столтенберг.
Наведувајќи дека фондот е дел од поголемата рамка, Столтенберг рече дека е изграден Акцелератор за одбранбени иновации наречен ДИЈАНА, и дека низ Алијансата ќе се обезбедат центри за технолошки тестови.
„Сојузниците се согласија за првата стратегија за вештачка интелигенција на НАТО. Оваа стратегија ќе постави стандарди за одговорно користење на вештачката интелигенција во согласност со меѓународното право. Ќе ги одреди начините за забрзување на усвојувањето на вештачката интелигенција“, нагласи Столтенберг.
- Соработка ЕУ - НАТО
„Соработката НАТО - ЕУ веќе достигна невидени нивоа“, нагласи Столтенберг.
Наведувајќи дека ЕУ и НАТО во реално време разменуваат информации за заканите и безбедносните пропусти во сајберпросторот, Столтенберг рече: „Нашата поморска мисија во Егејското Море работи заедно со ЕУ за спроведување на договорот што го постигна со Турција.“
- Зачленување на Украина во НАТО
Столтенберг на новинарското прашање за незадоволството на Русија од евентуалното зачленување на Украина во НАТО, рече: „Останува Украина и нејзините сојузници во НАТО да одлучат кога Украина е подготвена да се приклучи на Алијансата. Ниту една друга земја нема право да интервенира или да зборува за овој процес.“
- Авганистан
Меѓу другото, Столтенберг истакна дека министрите на денешниот состанок се осврнале и на поуките извлечени од повлекување од Авганистан.
„Со нашите сојузници и партнери разговараме за тоа како можеме да ги повикаме талибанците на одговорност за нивните обврски кон човековите права и за тоа дека Авганистан не треба да се претвори во безбедно засолниште за меѓународните терористи“, рече Столтенберг, заблагодарувајќи се на сојузниците за нивната поддршка во безбедното преселување на илјадници Авганистанци што се реализира во последните недели.
- Прашањето за С-400
На прашањето за можноста Турција од Русија да набави различни други воени возила, покрај С-400, Столтенберг рече: „Ова не беше тема за која се разговараше на денешниот состанок.“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така додаде:
„Одбранбените набавки се национални одлуки. Она што е важно за НАТО е дали тие можат да се интегрираат со НАТО. С-400 е руски систем и не можеме да го интегрираме во воздушните и ракетните одбранбени системи на НАТО. Тоа беше нашата порака. Исто така, разгледавме како можеме да ги поддржиме напорите за изнаоѓање алтернативни системи и овие напори ќе продолжат.“
Меѓу другото, Столтенберг наведе дека на првиот ден од состаноците, министрите за одбрана на земјите од НАТО го одобриле и новиот и сеопфатен план за одбрана и разговарале за прашања како што се Русија и Авганистан.
На состаноците Турција ја претставуваше министерот за национална одбрана, Хулуси Акар.