свет

Гватемала: Пензионирани војници упаднаа во зградата на Конгресот

Демонстрантите ја окупираа зградата на Конгресот два часа, а потоа ги запалија канцелариите на некои пратеници, како и три автомобили кои се наоѓаа на паркингот

Sinan Doğan  | 20.10.2021 - Обновена : 20.10.2021
Гватемала: Пензионирани војници упаднаа во зградата на Конгресот Фото: Fabricio Alonzo/AA

БОГОТА (АА) - Во Гватемала, стотици пензионирани војници кои бараа надомест од Владата за периодот што служеа во Граѓанската војна, се судрија со безбедносните сили, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според весникот „Ла Пренса“ во Гватемала, маршот на пензионираните војници, кој започна од историскиот центар на главниот град, во текот на денот премина во судир со полицијата.

Откако некои од поранешните војници кои учествуваа во протестите почнаа да фрлаат камења врз полицијата, безбедносните сили возвратија со солзавец и водени топови.

Една група од демонстрантите ги искршија влезните врати на Конгресот и упаднаа во зградата.

Демонстрантите ја окупираа зградата на Конгресот два часа, а потоа ги запалија канцелариите на некои пратеници, како и три автомобили кои се наоѓаа на паркингот.

Карлос Бареда, пратеникот од партијата Национално единство за надеж (UNE), на својот твитер-профил напиша: „Имаме колеги заробени во Конгресот. Безбедносните сили мора итно да интервенираат.“

- Конгресмените се евакуирани -

Министерството за внатрешни работи на Гватемала, пак, на Твитер истакна дека целиот персонал заробен во Конгресот на Република Гватемала е евакуиран.

Најавувајќи притвор за некои од демонстрантите, Министерството побара од активистите да го почитуваат законот.

- Служењето во Граѓанската војна -

Пензионираните војници кои служеа во Гватемала за време на Граѓанската војна 1960 - 1996 година бараат Законот за финансиска компензација за нив да биде усвоен во Конгресот.

Гватемала има закон за надомест за жртвите од Граѓанската војна, вдовици и сирачиња, но не ги опфаќа припадниците на Вооружените сили. Според официјалните податоци, за време на Граѓанската војна служеле 300.000 војници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.