Mustafa Deveci
13 Мај 2024•Ажурирај: 15 Мај 2024
АНКАРА (АА) - Додека израелската Армија продолжува со интензивните напади на бегалскиот камп Џабалија на северот на Појасот Газа, Палестинците се обидуваат да ја напуштат областа додека се под постојано бомбардирање, јавува Анадолу.
Нападите на израелската Армија врз Џабалија интензивно продолжуваат трет ден по ред.
Во регионот кој е под интензивно бомбардирање на израелската Армија, се водат судири меѓу палестинските групи и израелските војници.
Палестинците во Џабалија се обидуваат да ја напуштат областа каде што се концентрирани нападите, со малку работи што можат да ги понесат со себе, среде татнежот на експлозии и судири.
На социјалните мрежи се шират слики од Палестинци, главно жени и деца, кои се обидуваат да ја напуштат областа поради израелските напади.
На видеоснимката, одвреме-навреме може да се слушнат експлозии и звуците на интензивните судири што доаѓаат од областа, додека многу жени и деца очајнички се обидуваат да се спасат.
Израелската Армија на 11 мај предупреди да се евакуира регионот Џабалија во северниот дел на Газа, каде што живеат од 100.000 до 150.000 Палестинци.
По ова предупредување, израелската Армија изврши интензивни воздушни напади врз Џабалија, а израелските војници повторно го зазедоа регионот со тенкови и оклопни возила.
Според палестински извори, израелската Армија изврши повеќе од 100 воздушни напади врз Џабалија во текот на ноќта меѓу 11 и 12 мај.
Во израелските напади на Појасот Газа од 7 октомври досега се убиени приближно 35.000 Палестинци, воглавно жени и деца, а повеќе од 78.400 се повреди, во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства за живот.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.