Saadet Gökce
13 Јануари 2025•Ажурирај: 13 Јануари 2025
СЕУЛ (АА) – Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Санг-мок, денес повторно ги повика државните агенции да избегнуваат физички конфликти при извршување на налогот за апсење на разрешениот претседател Јун Сук Јеол, кој е обвинет за неуспешен обид за воен удар, пренесува Анадолу.
„Сите дејствија на органите на редот мора да се спроведуваат на мирен и воздржан начин. Под никакви околности не смее да се употребува насилство од страна на вклучените агенции“, изјави Чои, според сеулската новинска агенција „Јонхап“.
Обединет тим предводен од Канцеларијата за истрага на корупција на високи службеници (CIO) се обидува да го изврши налогот за апсење издаден од судот за Јун, откако претходниот обид заврши со петчасовен конфликт пред неговата високообезбедена службена резиденција во Сеул на 3 јануари.
Безбедносните сили на Јун го блокираа телото за борба против корупција да го уапси разрешениот претседател, кој е обвинет за велепредавство и бунт поради воведувањето краткотрајна воена состојба на 3 декември.
Шефот на обезбедувањето на претседателот, Парк Чонг-јун, минатата недела поднесе оставка и во моментов е под истрага од полицијата.
Во неделата вечерта, телото за борба против корупција испрати писма до Министерството за одбрана и Претседателската служба за безбедност, барајќи соработка и предупредувајќи на правни последици доколку не соработуваат.
Апелот на Чои доаѓа во момент кога Јун треба да се појави пред Уставниот суд за првото рочиште утре.
Меѓутоа, неговиот адвокат Јун Гап-гун вчера изјави дека разрешениот претседател ќе присуствува на рочиштето само доколку бидат решени прашањата за „лична безбедност и несакани инциденти“.
Јун ја шокираше нацијата кога прогласи воена состојба на 3 декември, но таа беше укината откако Парламентот изгласа одлука против тој потег.
64-годишниот претседател беше разрешен на 14 декември и е суспендиран од функцијата и државните работи додека се соочува со судење во Уставниот суд.
Во меѓувреме, државните работи ги води вршителот на должноста претседател, Чои Санг-мок.