Ekip,Ahmet Gürhan Kartal
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
ЛОНДОН (АА) - Врховниот суд на Велика Британија денеска донесе одлука дека шкотскиот Парламент не може да одлучи за одржување втор референдум за независност без претходно одобрение од Владата на Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пресудата не е големо изненадување, но сепак ќе изврши дополнителен притисок врз односите меѓу просепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) и унионистичките партии кои доминираат во Вестминстер.
Во 2014 година, Шкотска гласаше со 55 отсто „за“ наспроти 45 отсто „против“ за останување во рамките на Велика Британија.
Оттогаш, владејачката Шкотска национална партија продолжи да победува на изборите во Шкотска, за што политичката партија вели дека ѝ дава мандат за втор референдум за независност. Лидерката на партијата и прва министерка на Шкотска, Никола Старџен, претходно истакна дека ќе има втор референдум за ова прашање во 2023 година.
„Иако сум разочарана од тоа, ја почитувам пресудата [на Врховниот суд на Велика Британија], но тој не донесува закон, туку само го толкува. Законот што не ѝ дозволува на Шкотска да ја избере сопствената иднина без согласност од Вестминстер, како мит го разоткрива секој поим за Велика Британија како доброволно партнерство и прави простор за Инди [независност]“, напиша Старџен на Твитер веднаш по пресудата на Врховниот суд.
Шкотска гласаше против Брегзит во 2016 година, но Велика Британија како целина гласаше за напуштање на Европската Унија (ЕУ), уште еден фактор за кој Шкотската национална партија тврди дека фундаментално ја променил состојбата на британската политика и како таков оправдува втор референдум за независност.