Fatma Esma Arslan
07 Август 2023•Ажурирај: 08 Август 2023
ДАКАР (АА) - Воената хунта, која ја презеде власта во Нигер на 26 јули, соопшти дека го затворила воздушниот простор на Нигер до следно известување и објави дека една странска држава се подготвува да го нападне Нигер, јавува Анадолу.
Полковникот Амаду Абдрамане, портпарол на Националниот совет за заштита на татковината (CNSP), изјави дека воздушниот простор на Нигер е затворен до понатамошно известување, во случај на воена интервенција од страна на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS).
Абдрамане изјави дека на секое прекршување ќе се реагира веднаш и остро: „Странска земја се подготвува да ја нападне нашата земја во соработка со ECOWAS.“
Нагласувајќи дека ECOWAS распоредила војници во две земји во Средна Африка во рамките на подготовките за воена интервенција, Абдрамане рече дека секоја вклучена земја ќе се смета за соработник.
Абдрамане ја повика нигерската младина да ја брани својата земја.
Во меѓувреме, на полноќ истече рокот од седум дена што од ECOWAS ѝ беше даден на воената хунта за ослободување на претседателот Мухамед Базум и негово враќање на функција.
ECOWAS наведе дека ќе ја разгледа секоја опција, вклучително и воената интервенција, доколку за тоа време не се исполнат нивните барања, а спротивно на очекувањата, ECOWAS не почне воена операција и покрај истекот на времето.
На 26 јули Базум беше уапсен од припадници на претседателската гарда, а таа вечер војската објави дека ја презела власта. Абдурахаман Тчиани, командант на претседателската гарда на Нигер, се прогласи за шеф на преодната влада, два дена по соборувањето на Базум.
Лидерите на блокот Економска заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) во неделата воведоа тешки санкции против Нигер и ги повикаа водачите на државниот удар да го ослободат Базум во рок од една недела.
Многу западни земји почнаа да го повлекуваат персоналот од амбасадите и да ги евакуираат граѓаните од Нигер.