Şenhan Bolelli
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
МАДРИД (АА) - Министерството за здравство на Шпанија воспостави бесплатна телефонска линија за итни случаи со цел да се спречат самоубиствата, кои значително се зголемија во последните години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во просек 11 луѓе се самоубиваат дневно во Шпанија. Министерката за здравство Каролина Даријас, која го стави во сила Акциониот план за ментално здравје, рече: „Беше неопходно да се започнат дискусии и да се преземаат мерки, телефонската линија е првата преземена мерка. Самоубиството е скриена драма која мора да се надмине.“
Министерката за здравство нагласи дека самоубиствата, кои се зголемија со епидемијата и економската криза, се тивка закана за општеството и дека треба да се надминат.
„Дневно 220 луѓе во Шпанија вршат обид за самоубиство, а 11 од нив си го одземаат животот. Тоа е пораст од 7,5 отсто во однос на претходната година“, додаде министерката.
Се наведува дека стручни психолози ќе работат на телефонските линии за спречување самоубиства. Психолозите ќе опслужуваат 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Овие приватни разговори нема да бидат видливи на телефонските сметки и ќе се чуваат во тајност.
Во Шпанија во 2020 година се самоубиле 3.941 лице, забележливо е дека 300 од нив биле на возраст од 14 до 29 години.
Невладините организации против самоубиствата за првпат организираа демонстрации во Шпанија во септември 2021 година.