Ali Cura
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
МОСКВА (АА) - Русија прогласи прекин на огнот во 10 часот по московско време за евакуација на цивилите од пет украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката за привремен прекин на огнот на руското Министерство за одбрана за евакуација на цивили од украинските градови Киев, Харков, Чернихив, Суми и Мариупол, утрово стапи на сила.
Третиот круг преговори меѓу Русија и Украина заврши вчера со „мали позитивни чекори“ за подобрување на хуманитарните коридори.
Првиот круг преговори се одржа на 28 февруари во Гомел, Белорусија, во близина на границата со Украина и траеше пет часа, а вториот беше одржан на 3 март во Брест.

Во вториот круг од мировните преговори меѓу Москва и Киев, двете страни се договорија да создадат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите и испорака на храна и лекови.
Нападот на Русија врз Украина, кој започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа економски санкции кон Москва.
Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци, најмалку 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина, преминувајќи во соседните земји.