Selen Temizer,Muhammed Shekh Yusuf
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
СОЧИ (AA) – Во рускиот град Сочи денеска започна Конгресот за национален дијалог на Сирија на кој учествуваат околу 1 500 делегати од таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
По два и пол часовното доцнење, Конгресот започна со воведно излагање на челникот на Трговската комора во Дамаск, Гасам ал-Кал, а потоа шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ја прочита пораката на рускиот претседател Владимир Путин.
Путин им се заблагодари на Турција и Иран како земји-гаранти на мировниот процес во Астана и порача дека процесот ќе биде продолжен во согласност со одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Собирот во Сочи продолжи со затворени состаноци на делегациите, а по завршувањето, специјалниот пратеник за Сирија на рускиот претседател Путин, Александер Лаврентијев, би требало да ја прочита заедничка декларација на учесниците.
Од друга страна, делегацијата на сириската опозиција одби да учествува на собирот во Сочи бидејќи не беа задоволени барањата и моментално делегацијата се подготвува да го напушти тој руски град.
На опозицијата ѝ пречеше истакнувањето на знамето и симбоилите на сирискиот режим на аеродромот и во центарот во кој се одржува собирот во Сочи, а од Министерството за надворешни работи на Турција е соопштено дека делегацијата на сириската опозиција ѝ дала овластување на турската делегација да ја застапува на Конгресот.
Од канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева соопштено е дека почетокот на Конгресот во Сочи го означил и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, кој вчера допатува во Русија.