свет

Во САД продолжуваат протестите поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд

Тензиите ескалираа кога полицијата, поддржана од Националната гарда, употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите пред одржувањето на прес-конференцијата на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа

Servet Günerigök  | 02.06.2020 - Обновена : 03.06.2020
Во САД продолжуваат протестите поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд

ВАШИНГТОН (АА) - Во Соединетите Американски Држави (САД) продолжуваат протестите поради смртта на Џорџ Флојд, кои во делови од земјата беа мирни, додека во поголемите градови имаше жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во главниот град Вашингтон, паркот „Лафајет“ е центар на протестите поради смртта на Флојд и за полициското насилство, за време на кои демонстрантите извикуваа „Животот на Афроамериканците значи“, „Нема правда, без мир“ и „Не можам да дишам“.

Тензиите ескалираа кога полицијата, поддржана од Националната гарда, употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите пред одржувањето на прес-конференцијата на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа.

Протести се одвиваа низ целата земја, од Сиетл, Вашингтон, до сојузната држава Њујорк.

Полицискиот час се прошири и во поголемите градови, вклучувајќи ги Минеаполис, Њујорк и главниот град на САД, Вашингтон.

За време на протестите во Бафало, Њујорк, возило СУВ се втурна кон полицајците при што беше повреден еден полицаец.

Трамп од Белата куќа се закани дека ќе ја распореди Војската доколку гувернерите на сојузните држави не ги запрат насилните протести.

Тој препорача гувернерите да распоредат доволен број припадници на Националната гарда за да доминираат на улиците.

Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.

И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.

Неговите последни зборови беа „Не можам да дишам“, што стана слоган на протестите низ државата.

Со независна аутопсија вчера беше соопштено дека Флојд починал од задушување поради континуиран притисок.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın