Safiye Karabacak,Muhammed Emin Canik
01 Декември 2023•Ажурирај: 01 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Во новиот бран израелски напади врз Газа, кој започна утринава по завршувањето на „хуманитарната пауза“, загинаа 32 Палестинци, а десетици се ранети, јавува Анадолу.
„Во рок од три часа по завршувањето на хуманитарната пауза бројот на загинати во израелските напади се искачи на 32, а десетици луѓе, главно жени и деца, се ранети“, се вели во соопштението на Министерството за здравство на Газа.
Утринава заврши „хуманитарната пауза“, која стапи на сила во петокот на 24 ноември во 8 часот, како дел од договорот меѓу Израел и Хамас. Потоа Израел почна веднаш да напаѓа и бомбардира неколку локации во Појасот Газа, што резултираше со смртни случаи и повредени.
Четиридневната хуманитарна пауза со посредство на Катар привремено ги запре израелските напади врз Појасот Газа, а беше спроведено и ослободување на Израелците од Хамас во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори.
Во понеделникот вечерта Катар објави договор за продолжување на почетната четиридневна пауза за уште два дена, а потоа дополнително беше продолжена за уште 24 часа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.