Mohammad Sıo
21 Октомври 2024•Ажурирај: 22 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Во напад на израелско беспилотно летало врз населбата Наби Анам во Баалбек, источен Либан, убиени се шест жени и деца од исто семејство, а осум се повредени јавуваат либанските медиуми, пренесува Анадолу.
Според либанската Национална новинска агенција, израелската Армија го извршила нападот во 5:50 часот по локално време, а цел била домот на Али Абдо Отман во густо населена станбена област.
Во нападот е уништена зградата и оштетени се околните домови, што резултираше со смрт на шест жени и деца од семејството Отман, а осум други жители се здобија со повреди од критични до полесни, објави новинската агенција.
Повредените се пренесени во болниците на лекување, се додава од агенцијата.
Агенцијата објави дека локалните тимови за цивилна одбрана работеле на гаснење пожари во погодените домови и помогнале во спасувачките операции, извлекувајќи ги телата од урнатините.
Волонтери од Исламската здравствена управа, либанскиот Црвен крст и палестинската асоцијација Шифа, исто така, учествуваа во напорите за пребарување и спасување, се додава.
Израел започна огромна воздушна кампања во Либан од 23 септември против, како што вели, локации на Хезболах, при што загинаа повеќе од 1.500 луѓе и раселени се над 1,34 милиони.
Воздушната кампања е ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и либанската група од почетокот на нејзината офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби повеќе од 42.600 луѓе, повеќето жени и деца, од прекуграничниот напад на палестинската група Хамас минатиот октомври.
Израел го прошири конфликтот на 1 октомври оваа година со копнен упад во јужен Либан.