Sinan Doğan
15 Април 2024•Ажурирај: 16 Април 2024
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Стотици луѓе се собраа на улиците на Мексико Сити за да ја поддржат Палестина и да ги осудат израелските напади врз Газа, јавува Анадолу.
Стотици демонстранти се собраа во главниот град на Мексико на собир наречен „Светлина за Палестина“. Собраните граѓани носеа палестински знамиња и извикуваа слогани против израелските напади врз Појасот Газа.
Демонстрантите носеа и бебиња завиткани во бели ќебиња, што ги симболизираа бебињата убиени во Газа.

Граѓаните повикаа на итен прекин на огнот во Газа, постигнување траен мир и побараа слободна Палестина.
Една од граѓанките изјави дека повеќе не сакаат да бидат рамнодушни на хуманитарната катастрофа што се случува во Газа.
„Не можам ништо да направам освен да излезам и да го кренам гласот. Се собравме да бидеме гласот на нашите палестински браќа“, рече демонстрантка.

Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, загинаа најмалку 33.797 Палестинци, додека 76.465 беа повредени.
Израел започна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според податоците на Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.