Şenhan Bolelli
04 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
МАДРИД
Жителите на регионот, кои беа евакуирани поради вулканот Кумбре Виеха, што беше активен 85 дена на островот Ла Палма, дел од групата Канарски Острови на југозападот на Шпанија, почнаа да се враќаат во своите домови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комитетот за вонредни состојби на вулканите на Канарските Острови соопшти дека од 3 јануари околу 1.000 луѓе почнале да се враќаат во своите домови.
Властите ги советуваа оние што се вратија во своите домови по пауза од околу 3 месеци прво да ги проветрат собите и да не влегуваат во гаражата, магацинот или подрумските простории без претходно да направат мерење на гасот.
Околу 5.000 луѓе ги загубија своите домови поради лавата од вулканот во Ла Палма, а 564 од нив продолжуваат да престојуваат во хотели, 40 во центрите за социјална заштита, додека останатите се во домовите на своите блиски или пријателите.
Кумбре Виеха со 85 дена активност е најдолго активен вулкан во историјата на островот.
Вулканот, што ја започна вулканската активност на 19 септември, во текот на својот активен период исфрли повеќе од 94 милиони кубни метри лава и уништи 2.896 објекти, од кои повеќето беа куќи.
Лавата зафати површина од 1.182 хектари околу вулканот.
Шпанската Влада најави пакет помош од 230 милиони евра за намалување на загубите предизвикани од вулканот, што покрај на туризмот нанесе штета од приближно 850 милиони евра на економијата на островот.
Изгаснувањето на вулканот беше официјално прогласено на 25 декември, 96 дена откако стана активен.