Övünç Kutlu
17 Септември 2021•Ажурирај: 19 Септември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Природните катастрофи како резултат на климатските промени ги погодија животите на најмалку 139,2 милиони лица и предизвикаа смрт на повеќе од 17.240 луѓе во периодот од почетокот на пандемијата на коронавирусот, покажува најново истражување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Меѓународната федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) и Центарот за клима на двете организации се наведува дека дополнителни 658,1 милион луѓе биле изложени на екстремни температури.
„Светот се соочува со невидена хуманитарна криза во која климатските промени и Ковид-19 ги туркаат заедниците до крајните граници“, рече претседателот на Меѓународната федерација, Франческо Рока, на прес-конференција во Њујорк, каде што беше презентиран најновиот извештај.
„Пред почетокот на КОП26 ги повикуваме светските лидери да преземат итна акција не само за намалување на емисиите на стакленички гасови, туку и за решавање на постојните и непосредни хуманитарни влијанија од климатските промени“, додаде тој.
Конференцијата на ОН за климатските промени во 2021 година, позната како КОП26 (COP26), ќе се одржи во Глазгов, Шкотска, во периодот меѓу 31 октомври и 21 ноември.
„Големите трошоци за закрепнување од Ковид-19 докажуваат дека владите можат да дејствуваат брзо и драстично пред глобалните закани“, рече Рока.
„Време е зборовите да се претворат во акција и да се посвети истата енергија на климатската криза. Секој ден сме сведоци на влијанието на климатските промени кои ги предизвикал човекот. Климатската криза е тука, и ние треба да дејствуваме сега“, додаде тој.