Heman Hussein Yaseen
16 Јануари 2024•Ажурирај: 17 Јануари 2024
ЕРБИЛ, Ирак (АА) - Ирачкиот бизнисмен Пешра Дизаје и неговата едногодишна ќерка Жина беа убиени во ракетниот напад кој во текот на ноќта го изврши Корпусот на Исламската револуционерна гарда врз нивниот дом во Ербил, северен Ирак, јавува Анадолу.
Ирак лансираше низа проектили во Ирак и Сирија, од кои еден го погоди домот на Дизаје во 23:30 часот по локално време. Во нападот е уништен неговиот дом, а во тек се активностите за расчистување на остатоците.
Тој беше истакната личност во Ербил, познат по тоа што раководеше со значајни проекти во области како што се нафтата, технологијата и градежништвото.
Дизаје се здоби со признание за завршувањето на градежниот проект на Империја Ворлд во Ербил, што беше истакнато од претседателот на Регионалната влада на ирачките Курди, Нечирван Барзани.
Преку неговата компанија „Фалкон груп“, ирачкиот бизнисмен работеше во различни сектори, вклучувајќи градежништво, нафта, природен гас, технологија, земјоделство, козметика и безбедност.
Името на Дизаје се поврзуваше и со Проектот за развој на патиштата, кој се обидуваше да го поврзе Ирак со Европа преку Туркије. Беше објавено дека бизнисменот се стремел да игра улога во ирачкиот сегмент на овој значаен проект.
Пред нападот, тој организирал прослава во својот дом за првиот роденден на својата ќерка Жина, што стана и нејзиниот последен, и го поканил својот близок пријател, ирачкиот христијански бизнисмен Карам Михаил.
Во нападот загинаа 61-годишниот Дизаје, роден во Ербил, неговата ќерка Жина и бизнисменот Михаил, додека сопругата и уште две деца на Дизаје се здобија со повреди.
- Нападите со балистички проектили врз Ербил -
Претходно, Советот за безбедност на Регионалната влада на ирачките Курди соопшти дека Иранската револуционерна гарда синоќа истрелала балистички проектили врз различни цивилни населби во Ербил, при што загинале четворица цивили, а шестмина биле повредени.
Ирачката влада во посебна изјава, исто така, ги осуди нападите на Иран како акт на агресија и кршење на суверенитетот.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда во соопштението објавено во Техеран соопшти дека истрелала бараж балистички ракети врз позициите на „терористичките организации“ во Сирија и Ирак синоќа.
Гардата тврдеше дека го уништила локалното седиште на израелската шпионска агенција Мосад во Ербил.