Mohamed Majed,Safiye Karabacak,Ali Semerci
12 Септември 2024•Ажурирај: 13 Септември 2024
ГАЗА (АА) - Во напад на израелската армија врз училиште на Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во бегалскиот камп Нусејрат, централна Газа, во кое биле засолнети цивили, убиени се 18 лица, од кои шестмина вработени во Обединетите нации (ОН). Во нападот извршен вчера повредени се и 18 лица, јавува Анадолу.
Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа објави писмено соопштение во кое се наведува дека израелски воени авиони го бомбардирале училиштето „Ал Кауни“ на УНРВА во бегалскиот камп Нусејрат.
Палестинските власти информираа дека во бомбардирањето се убиени 18 лица, меѓу кои и деца и вработени во УНРВА.
Се истакнува дека „ужасен, брутален масакр“ претставува израелското бомбардирање на училиштето „Ал Кауни“, во кое се наоѓаат повеќе од 5.000 раселени цивили.
- Израел бомбардираше повеќе од 18 училишта и сместувачки центри во бегалскиот камп Нусејрат -
Во соопштението се наведува дека Израел бомбардирал повеќе од 18 училишта и сместувачки центри во бегалскиот камп Нусејрат од 7 октомври, кога започна геноцидната војна врз Појасот Газа.
Во соопштението, исто така, се повикува светот да реагира на овие тековни злосторства врз раселеното и цивилно население во Газа.
- Израел петти пат бомбардира исто училиште -
Во соопштението на Дирекцијата за цивилна одбрана во Појасот Газа се вели дека меѓу убиените има жени и деца, а 18 лица се повредени во бомбардирањето на училиштето „Ал Кауни“.
Се нагласува дека ова е петти напад на израелската армија врз ова училиште.