Ahmed Asmar
05 Декември 2024•Ажурирај: 06 Декември 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската Армија приведе уште 28 Палестинци при нејзините упади на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Меѓу приведените во рациите има две жени, кои беа насочени кон неколку гратчиња и градови на окупираната територија, вклучувајќи ги Хеброн, Рамала, Тулкарем, Тубас и Наблус, се вели во заедничката изјава на Комисијата за прашања на затвореници и Здружението на палестински затвореници.
Меѓу приведените има и повреден Палестинец, кој израелската Армија го киднапирала од болница во градот Наблус, се додава од здруженијата.
„Рациите беа проследени со малтретирање, закани кон затворениците и нивните семејства и акти на вандализам и уништување на домовите на граѓаните“, се додава.
Новите приведувања го зголемија бројот на Палестинци кои израелската Армија ги притвори на Западниот Брег од октомври минатата година на над 11.900, вклучувајќи ги и оние кои беа ослободени откако беа приведени, покажуваат палестинските податоци.
Бројката не ги вклучува приведените од Појасот Газа чиј број се проценува на илјадници.
Во текот на изминатите неколку години, израелската војска спроведуваше редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците се и насилно напаѓани од илегалните еврејски доселеници.
Оттогаш, најмалку 805 Палестинци се убиени, а над 6.450 се повредени од оган на израелската Армија на окупираната територија, според податоците на Министерството за здравство.
Ескалацијата уследи откако Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за „нелегална“ и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).