Halime Afra Aksoy
04 Ноември 2023•Ажурирај: 05 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Во израелските напади на Појасот Газа од 7. октомври досега убиени се 9.488 Палестинци, известува Анадолу.
„Меѓу жртвите 3.900 се деца, а 2.509 се жени, додека 24.000 се ранети“, соопшти портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал Кудра на конференцијата за новинари во градот Газа.
Кудра додаде дека „70% од жртвите на израелската агресија се деца, жени и стари лица“.
Тој информираше и дека Министерството „од почетокот на израелската агресија на Газа досега примило извештаи за 2.200 исчезнати лица под урнатините, од кои 1.250 се деца“.
„Најмалку 150 медицински работници се убиени, а 27 амбулантни возила се уништени и ставени вон употреба како резултат на израелската агресија на Појасот Газа“, додаде Кудра.
Портпаролот на палестинското министерство за здравство го обвини Израел дека „намерно бомбардирал над 105 здравствени установи, поради што 16 болници и 32 центри за примарна здравствена заштита се ставени вон употреба поради уривање, недостаток на гориво и електрична енергија.
„Болниците во Газа се пренатрупани со ранети и со лица чии животи се во критична состојба, а ние секојдневно губиме голем број ранети лица, бидејќи во болниците во Газа за нив нема достапни тераписки интервенции“, додаде Кудра.
Тој истакна дека Израел со окупацијата намерно ја попречува евакуацијата на ранетите лица од болниците во северниот дел на Појасот Газа и градот Газа, сѐ до копнениот граничен премин Рафа, на југот од блокираната палестинска енклава.
Израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници во Појасот Газа, кој се под немилосрдни напади по неочекуваната офанзива на Хамас на 7. октомври.