Gülşen Topçu
11 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Израелската армија вчера изврши напади во јужниот град Рафа и бегалскиот камп Нусејрат во блокираниот Појас Газа, при што загинаа 11 цивили, а десетици други беа ранети, јавува Анадолу.
Израелски воени авиони бомбардираа куќа во населбата Тел ал Султан во Рафах. Шест Палестинци загинаа, повеќето деца, а многу други се ранети, јави палестинската новинска агенција ВАФА.
Во напад на куќа во бегалскиот камп Нусејрат животот го загубија пет Палестинци, меѓу кои и три деца.
Имаше и многу ранети во нападот на населбата Ал Баса во Деир ал Балах.
Израелските сили извршија и голем број воздушни напади врз бегалскиот камп Ал-Магази во централниот дел на Појасот Газа, населбата Шуџаја источно од градот Газа и бегалскиот камп Џабалија на север.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време во сила стапи четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1-ви декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза израелската војска продолжи со своите интензивни напади на Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени приближно 18.000 Палестинци, а ранети се над 49.229 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.