Ahmed Asmar
20 Ноември 2024•Ажурирај: 20 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 13 лица се убиени во синоќешните воздушни напади на израелската Армија во јужен Либан, соопштија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Воените авиони нападнаа дом во градот Маракех, убивајќи две лица, соопшти државната новинска агенција ННА.
Во два воздушни напади во градовите Кфар Мелки и Зефта се убиени најмалку четири лица, соопшти новинската агенција.
Уште три лица ги загубија своите животи во друг напад во Аин Кана и четири други во селото Хабух, додава агенцијата.
Воздушни напади и артилериско гранатирање беа пријавени и во Дибине, Кафр Руман Рихан, Шеба, Гандурие и Кафр Тебнит, но сè уште нема информации за повредени.
ННА соопшти дека израелската Армија се обидува да напредува во ридовите Кафрчуба во јужен Либан во услови на жестоки судири со борците на Хезболах.
Израелските напади се случија по еден ден откако Хезболах изврши најмалку 34 напади врз израелски цели во јужен Либан и северен Израел.
Ескалацијата се случи додека американскиот пратеник Амос Хохштајн вчера разговараше со либанските официјални претставници во Бејрут за да се постигне договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан.
Хохштајн по неговите разговори со претседателот на либанскиот Парламент Набих Бери вчера рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах за ставање крај на конфликтот е „во нивна моќ“.
Хохштајн се очекува утре да отпатува за Израел.
Израел е вклучен во прекугранична војна со Либан, а кон крајот на септември започна воздушна кампања против, како што тврди, цели на групата Хезболах.
Според либанските здравствени власти, во израелските напади во Либан убиени се повеќе од 3.500 луѓе, речиси 15.000 се повредени, а над еден милион се раселени од октомври минатата година.
Тел Авив го прошири конфликтот со започнување копнен упад врз јужен Либан на 1 октомври оваа година.