Ahmed Asmar
20 Ноември 2024•Ажурирај: 20 Ноември 2024
ГАЗА (АА) - Израелските воени авиони извршија напад врз два дома во Појасот Газа денес, при што се убиени 16 Палестинци, според медицински извори и очевидци, јавува Анадолу.
Еден извор изјави дека израелските авиони погодиле дом во северниот дел на градот Џабалија, при што 12 лица се убиени, а неколку други се повредени.
„Најмалку 10 лица се исчезнати и се наоѓаат под урнатините“, додаде изворот.
Уште три лица се убиени, вклучувајќи и член на персоналот на цивилната одбрана и тројца други се повредени во уште еден напад врз стан во населбата Ал Сабра во Газа, изјави друг медицински извор.
Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, изјави дека со новиот број на убиени лица, бројот на лица од персоналот на цивилната одбрана убиени во израелските напади од минатиот октомври се искачи на 87.
Уште еден Палестинец е убиен, а неколку луѓе се повредени во израелското гранатирање во јужниот град Рафа, според медицинските лица.
Израелската Армија исто така изврши воздушни напади и артилериско гранатирање во Беит Лахија во северна Газа, велат очевидци.
Не се дадени информации во врска со жртвите.
Израел започна војна во Појасот Газа по нападот на Хамас минатата година, при што уби речиси 44.000 лица, повеќето од нив жени и деца, и повреди над 104.000 лица.
Меѓународното признавање на геноцидот во Газа се зголеми во втората година од смртоносната израелска војна, бидејќи организациите и лидерите ги означија настаните како намерен обид за уништување на населението.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за бруталната војна што ја води во Газа.