Ikrame Imane Kouachi
01 Декември 2024•Ажурирај: 02 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Во израелските напади убиени се речиси 100 Палестинци во Појасот Газа во последните 24 часа, објави во неделата Агенцијата за цивилна заштита во Газа, известува Анадолу.
„Израелските масакри однесоа речиси 100 животи во последните 24 часа во Газа“, изјави Махмуд Басал, портпаролот Агенцијата за цивилна заштита во Газа.
Тој истакна дека еден од најсмртоносните напади во саботата бил извршен насочен кон куќа на цивили во Тел Затар во северниот град Џабалија, во кој се убиени повеќе од 40 луѓе.
„Службите за цивилна заштита продолжуваат да бидат насилно онеспособени во северниот дел на Појасот Газа од страна на израелските напади, оставајќи илјадници луѓе без хуманитарна и медицинска помош“, рече Басал.
Од 5 октомври, Израел започна голема копнена операција во северниот дел на Појасот Газа, за наводно, да го спречи прегрупирањето на палестинската група на отпорот Хамас.
Палестинците, сепак, го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели жителите.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш во нападите се убиени повеќе од 2.300 луѓе.
Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа по нападот на Хамас во октомври минатата година. Во израелските напади врз Газа се убиени речиси 44.400 луѓе, главно жени и деца, а повеќе од 105.000 се повредени.
На 21 ноември, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.