Hussameldin Abdelgadir Salih Mohamed,Halime Afra Aksoy
11 Април 2024•Ажурирај: 12 Април 2024
ГАЗА (АА) - Тројца синови и четири внуци на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, се убиени во израелски напад врз возило во движење во бегалскиот камп Ал Шати во западниот дел на градот Газа, јавува Анадолу.
Хамас објави дека сите во возилото се убиени или повредени.
Во возилото имало многу членови на семејството на Исмаил Ханије, кои биле на пат, заедно со луѓето од бегалскиот камп Ал Шати, да го прослават Рамазан бајрам.
Хамас потврди дека се убиени синовите на Ханије, Хазим, Емир и Мухамед, и внуците Муна, Амал, Халид и Резан.
Оттаму е истакнато дека станува збор за „предавнички и кукавички“ напад извршен во бегалскиот камп Ал Шати на првиот ден од Бајрам.
Хамас наведе дека израелското целење на лидерите на Хамас и нивните семејства не е „ништо друго туку очајнички обиди на неуспешниот непријател на теренот“.
Тие порачаа дека ваквите напади нема да успеат да ја скршат волјата за отпор на Хамас и на палестинскиот народ.
Нагласено е дека тоа само ќе ја зголеми нивната решителност во борбата.
Ханије по нападот рече дека неговите деца „не ја напуштиле Газа, туку ги жртвувале своите животи за ослободување на Ал Кудс и Ал Акса“.