Mohammad Sıo
24 Мај 2024•Ажурирај: 25 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Неколку Палестинци се убиени и ранети синоќа по израелски воздушен напад чија цел беше станбена зграда во градот Газа, јавува Анадолу.
Израелски воени авиони ја нападнаа зградата во населбата Ал-Дараџ, предизвикувајќи нејзино целосно уништување, изјавија очевидци за Анадолу.
Тие додаваат дека нападот предизвикал штета и на соседната станбена зграда и пожар.
Очевидците пријавија неодреден број жртви и повредени, а спасувачките екипи и жителите активно се вклучија во потрагата по жртви под урнатините.
Жртвите од воздушниот напад се пренесени во Арапската болница Ал-Ахли во градот Газа, информираa медицински изворi за Анадолу.
Точниот број на жртви и степенот на нивните повреди остануваат непознати.
Претходно вчера 12 Палестинци беа убиени, меѓу кои жени и деца, а повеќемина беа повредени кога израелски воени авиони нападнаа владин објект во кој се сместени раселените жители во Деир ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа.
Медицински извор за Анадолу изјави дека загинатите, заедно со голем број повредени, биле пренесени во болницата Шухада ал Акса, откако воздушниот напад бил насочен кон зграда на Министерството за социјален развој.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа, која започна по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Повеќе од 35.800 Палестинци се убиени, од кои огромно мнозинство се жени и деца, а најмалку 80.200 се повредени од октомври минатата година.
Речиси осум месеци по израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а наметната е блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да преземат мерки за гаранција дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.