Selen Temizer
23 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) - По едномесечна пауза, денес, во Женева започна петтиот круг нa преговорите, чија цел е да се најде решение за Сирија, а во тоа и понатаму посредуваат ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите започнаа со одделен состанок на делегацијата на сирискиот режим, предводена од претставникот Башар ал Џафари, со заменикот на специјалниот пратеник за Сирија, Ремзи Изетин, а утре состаноците би требало да ги води специјалниот пратеник Стефан де Мистура, кој денес престојува во посета на Турција.
По состанокот со Џафари, Ремзи ќе се состане и со делегацијата на сириската опозиција, а оваа средба е планирана во 12 часот.
Иако состаноците започнаа денес, новиот круг на преговорите официјално ќе започне утре, со пристигнувањето на специјалниот пратеник Де Мистура, а се очекува дека тие би можеле да траат до 1 април.
Примирјето во Сирија е договорено на 30 декември, со посредство на Турција и Русија. Режимските сили продолжија со нападите и злосторствата над цивилите, а силите на сириската опозиција во изминатите неколку дена почнаа да одговараат на нападите од позициите на режимските сили.
Делегацијата на сириската опозиција не учествуваше на минатонеделните преговори во Астана, а како причина го наведоа фактот што силите на режимот не го почитуваат договореното примирје.
Петтиот круг на преговорите во Женева почнува во атмосфера без многу оптимизам.
Сѐ уште не е познато дали ќе се одржат директни преговори меѓу спротивставените сириски делегации.
На дневен ред на петтиот круг од преговорите во Женева ќе бидат четирите точки што претходно беа договорени. На претходната мапа на патот, која е дел од резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, предвидени се преговори за формирање на транзициска власт, подготовка на уставот и организирање на парламентарните избори во Сирија, а минатиот месец е додадена и четврта точка, која се однесува на преговорите за ефикасна борба против тероризмот.
И во продолжението на преговорите се очекува сирискиот режим и неговиот сојузник Русија и понатаму да инсистираат на јакнење на позицијата на вооружените групи блиски со Москва и со Каиро, кои Русија сака да ги претстави како дел од сириската опозиција.
Делегацијата на сирискиот режим и нејзините сојузници Русија и Ирак заговараат да се фомира влада на национално единство, наместо транзициска влада, сакајќи на тој начин на власт да го задржат режимот на Асад, а на опозицијата ѝ даваат неколку министерства.
Делегацијата на сириската опозиција сѐ уште не се огласи за претстојниот круг на преговорите, но се очекува дека една од главните теми за кои ќе се разговара е да се прекине кршењето на примирјето.