Alaattin Doğru
19 Септември 2018•Ажурирај: 20 Септември 2018
ДАКАР (АА) - Во реката Монгала, во северозападниот дел на Демократска Република Конго, потона брод. Во несреќата животот го загубија најмалку 30 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави радио „Окапи“, приватен брод кој имал поголем товар и број на патници од дозволеното, потонал во реката Монгала, недалеку од брегот на селото Бинга.
Во бродската несреќа животот го загубија најмалку 30 патници, а има и голем број повредени.
Според извори блиски на Обединетите нации (ОН), се дознава дека откако бродот започнал да тоне, неговиот сопственик и екипажот на бродот избегале од местото на несреќата.
Во мај оваа година, во реката Момбојо потона брод со околу 100 патници, при што животот го загубија 50 лица.
Поради екваторската клима, ДР Конго е богата со широки шумски појаси. Надвор од големите градови, во оваа земја нема изградено широка патна инфраструктура. Народот како транспортно средство по реките ги избира бродовите, кои го обиколуваат басенот на Конго, но нивната старост и неодржување се причина за чести несреќи со смртни последици.