Ömer Faruk Yıldız
04 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Според последните податоци на набљудувачките организации за човекови права, најмалку 557 лица се убиени во интервенциите на безбедносните сили на Мјанмар врз продемократските протести од воениот удар на 1 февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот брифинг-извештај, Здружението за помош на политички затвореници наведува дека 2.658 лица се моментално во притвор, додека за најмалку уште 235 лица се издадени налози за приведување.
Демонстрантите се на улиците низ Мјанмар повеќе од два месеца, протестирајќи против воениот удар и притворањето на Аунг Сан Су Чи, поранешната челничка на државата, и други челници од нејзината партија, Национална лига за демократија, која извојува убедлива победа на изборите во ноември 2020 година.
Одговорот на безбедносните сили врз протестите е брутален со застрелани цивили, претепувања, притворања и ноќни рации.
Во најголемиот град Јангон денес група демонстранти организираа „Штрајк со велигденски јајца“. Марширајќи низ улиците, демонстрантите извикуваа пароли и делеа јајца со пораки за протест.
Демонстрациите продолжија и во градовите Магвеј, Мандалај и Баго.