Во главниот град на Катар започна Доха Форумот 2025
Во говорот на воведната сесија, премиерот на Катар, шеикот Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани, рече дека светот е сведок на „сериозни назадувања“ во правдата, владеењето на правото и одговорноста
ДОХА (АА) - 23-то издание на Доха Форумот 2025. започна денес во главниот град на Катар под темата „Правдата на дело: Повеќе од само ветување за напредок“, јавува Анадолу.
Во говорот на воведната сесија, премиерот на Катар, шеикот Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани, рече дека светот е сведок на „сериозни назадувања“ во правдата, владеењето на правото и одговорноста.
„Правдата, во многу случаи, стана невидлива на патот на меѓународното право“, рече шеикот Ал Тани, кој е и министер за надворешни работи, додавајќи дека ослабените правни механизми ги продлабочиле глобалните кризи.
Тој истакна дека денешните конфликти и хуманитарните вонредни состојби се вкоренети во „култура на неказнивост“, ставајќи го светот „во невиден циклус на кризи“.
Премиерот рече дека Катар не ја гледа медијацијата како дипломатска опција, туку како основна државна политика. „Медијацијата за нас не е политички луксуз, туку длабоко вкоренет и конзистентен метод“, рече тој.
Повика на враќање на довербата во меѓународниот правен поредок, велејќи дека на светот му е потребен пофер систем.
„Регионалните предизвици“, додаде тој, „не можат да се одвојат од глобалниот пад во почитувањето на меѓународните норми.“
Дводневниот настан ги собира на едно место лидерите од целиот свет, меѓу кои се и сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Алварес, претседателот и извршен директор на Светскиот економски форум Борге Бренде, поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, и поранешниот извршен директор на Мајкрософт, Бил Гејтс.
Анадолу е глобален комуникациски партнер на настанот.
Овогодишната програма на Форумот, развиена со глобални тинк-тенкови и истражувачки институции, вклучува сесии „Проценки за Газа: Преиспитување на глобалните одговорности и патиштата кон мирот“, „Односите меѓу Персискиот Залив и ЕУ во ерата на стратешка изолација“, „Вештачката интелигенција како меч со две острици: Стратегии за одговорна употреба во воениот домен“ и „Односите меѓу САД и Кина: Справување со ризиците и можностите на променливиот глобален поредок“.
Претходното издание на форумот, одржано во декември 2024 година под темата „Иновативен императив“, пречека повеќе од 5.000 учесници, од кои над 350 говорници.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
