Zeynep Hilal Karyağdı Duran
09 Ноември 2023•Ажурирај: 15 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
- Зејнеп ХИЛАЛ КАРЈАГДИ
Владата во Газа објави дека 16 болници и 34 здравствени центри во Појасот Газа не се во функција поради израелските напади што траат од 7 октомври, јавува Анадолу.
На владиниот профил на Телеграм се објавени информации за уништувањето и штетите предизвикани од интензивните напади на Израел врз Појасот Газа од 7 октомври, како и за колапсот на здравствениот систем.
Наведено е дека половина од болниците и 62 отсто од здравствените домови во Појасот Газа не се во функција, а услуги не се даваат во 16 болници и 34 здравствени домови.
Тие, исто така, истакнаа дека од првиот ден на израелските напади врз Газа секоја минута во болница се носи по едно повредено лице.
Секој час умираат 15 луѓе.

Израелските воени авиони бомбардираа болници во нападите врз Газа од 7 октомври досега.
Израелската армија ги бомбардираше болниците Шифа, Детската болница Наср, Ал-Ахли и Ер-Рантиси, кои се најголеми здравствени установи во Газа, со илјадници повредени и цивили.
Покрај тоа, израелската армија ја бомбардираше и областа во близина на болницата Кудс и индонезиската болница поврзана со палестинската Црвена полумесечина, принудувајќи ги да се евакуираат. Во овие напади беа убиени и ранети стотици луѓе.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Во израелските напади врз Газа загинаа 10.569 Палестинци, 241 за само 24 часа, а меѓу загинатите има 4.324 деца и 2.823 жени.