Riyaz Khaliq Khaliq
09 Ноември 2023•Ажурирај: 10 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес разговараше со официјални претставници во Јужна Кореја, каде што исто така ја осуди Северна Кореја за наводното снабдување со оружје на Русија, јавува Анадолу.
Блинкен полета за Сеул вчера откако присуствуваше на состанокот на Г7 во Јапонија.
Пред неговата средба со јужнокорејската министерка за надворешни работи Парк Џин, Блинкен го повикал на состанок и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, објави сеулски „Јонхап њуз“.
„Американското раководство станува сè поважно поради нестабилноста на Блискиот Исток, заедно со прашањето за Северна Кореја и нејзината нуклеарна програма и војната во Украина“, му рече Јун на највисокиот дипломат на Вашингтон.
„Како сојузник на САД, Јужна Кореја тесно ќе соработува со САД за да ги брани основните вредности и да го зајакне меѓународниот поредок заснован на правила“, рече тој, нагласувајќи го, како што го нарече, „глобалниот сеопфатен стратегиски сојуз“ што двајцата сојузници го формираа цврсто.
Претходно денес, Блинкен се состана со јужнокорејскиот советник за национална безбедност Чо Тае-јонг во Сеул.
Според портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, Блинкен и Чо разговарале за важноста на американско-јужнокорејската соработка за справување со глобалните предизвици, вклучително и нестабилноста на Блискиот Исток.
„Двете страни разговараа за провокативните акции на Северна Кореја на Корејскиот Полуостров“, додаде тој.
Милер, исто така, рече дека Блинкен и Чо „остро го осудиле обезбедувањето воена опрема и муниција“ наводно од Пјонгјанг за Русија „за употреба во нејзината војна против Украина“.
Потврдувајќи ја „железната посветеност“ на Вашингтон за одбраната на Јужна Кореја, Блинкен „ја истакна важноста од поддршката на Украина и му се заблагодари на Сеул за неговата „посветеност да пружи помош на Украина“.
Во рамките на билатералниот договор за одбрана, Јужна Кореја е домаќин на околу 28.500 американски војници во земјата од 1953 година.