Rania R.a. Abushamala
22 Мај 2025•Ажурирај: 22 Мај 2025
ГАЗА (АА) - Вкупно 87 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа првпат по 81 ден откако израелските гранични премини беа затворени, соопштија од владината канцеларија за медиуми во палестинската енклава, јавува Анадолу.
Директорот на канцеларијата, Исмаил ал-Тавабтех, за Анадолу изјави дека камионите со различна хуманитарна помош се наменети за меѓународни и локални организации, со цел да му се распределат на палестинскиот народ за задоволување на итните потреби.
Тој рече дека помошта им била доделена на неколку меѓународни и локални организации како дел од напорите да се дистрибуира до палестинскиот народ за да се помогне во задоволувањето на дел од итните хуманитарни потреби.
Претседателот на здружението на приватни транспортни компании во Газа, Нахед Шахибер, потврди дека 75 од вкупно 87 камиони пренесувале брашно за пекарниците во централните и јужните делови на Газа и влегле преку граничниот премин Керем Шалом, во јужниот дел на Појасот.
Исто така, тој истакна дека не постои координација за влез на камиони во градот Газа и северниот дел на Појасот преку коридорот Нецарим бидејќи израелската армија го попречува движењето.
Тој рече дека од вкупниот број камиони, 12 биле натоварени со додатоци во исхраната за деца наменети за УНИЦЕФ, а биле истоварени во Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Исто така, тој го наведе и влегувањето на пет камиони што превезувале помош од Емиратите, вклучително шеќер и прехранбени производи.
Според владината канцеларија за медиуми, за да се задоволат основните потреби на населението, Појасот Газа секојдневно има потреба од најмалку 500 камиони со итна хуманитарна, медицинска и прехранбена помош, како и дополнителни 50 камиони со гориво.
Од 2 март Израел спроведува целосна блокада на Газа, спречувајќи влегување на хуманитарна помош, што доведе до глад што веќе однесе голем број животи.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија продолжува со жестока офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 53.700 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.