Servet Günerigök
08 Јуни 2023•Ажурирај: 14 Јуни 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Денеска за Вашингтон беше издадено предупредување за „многу нездрав“ квалитет на воздухот поради влијанието на актуелните шумски пожари во Канада, јавува Анадолу.
„За време на предупредувањето „Code Purple“, квалитетот на воздухот е многу нездрав“, објави Агенцијата за безбедност и управување со вонредни состојби на Вашингтон, повикувајќи се на „airnow.com“, портал што дава информации за квалитетот на воздухот.
Властите ги повикаа луѓето од сите возрасти да останат во затворени простории што е можно повеќе.
„Оние кои мора да работат надвор, би требало да ја намалат работата надвор доколку е можно, или да носат маски Н95 или К95“, предупредија властите.
Повеќе од 400 шумски пожари во Канада предизвикаа облаци од чад што се издигнаа низ североисточниот дел на САД, правејќи го Њујорк град со најлошо загадување на воздухот во светот и испраќајќи магла над главниот град на САД. Според канадските власти, повеќе од половина од пожарите, односно 239, сè уште се активни и надвор од контрола.
Милиони луѓе во САД се предупредени за квалитетот на воздухот, при што загадениот воздух се шири дури на југ до Северна Каролина, државата јужно од Вирџинија, која е во непосредна близина на Вашингтон.