Şerife Çetin
20 Јуни 2019•Ажурирај: 21 Јуни 2019
БРИСЕЛ (AA) - Во Брисел започна дводневен самит кој ќе ги собере лидерите на земјите на Европската унија, а на кој, меѓу другото, ќе се разговара за именување на новите челници на институциите, стратешката агенда на Унијата за периодот 2019-2024 година, за Повеќегодишната финансиска рамка (ММФ), за период 2021-2027, излегувањето на Велика Британија од Унијата и други актуелни теми, јавува Anadolu Agency (AA).
Именување на претседателот на Комисијата би можело да биде една од најтешките задачи кои се пред лидерите. Со оглед дека постојат различни мислења кај членките на Унијат, ќе биде тешко во рамките на овој самит да се одреди нов претседател.
Германската канцеларка Ангела Меркел пред почетокот на самитот рече дека во врска со ова прашање е важно да се постигне заедничко решение.
Претседателот на Франција Емануел Макрон смета дека е потребно претседателот или претседателката да се изберат меѓу кандидатите кои ќе можат да се носат со одговорност.
„Треба да дадеме важност и на надворешната рамноправност. Гледаме дека Парламентот се фокусирал на еден кандидат", рече Макрон кој додаде дека Франција сака да придонесе за постигнување на конструктивно решение и за најдобар тим за Европа.
Премиерот на Холандија, Марк Руте, верува дека денес нема да биде постигнат јасен резултат за челниците на европските институции.
„Меѓу земјите постои значително разидување во мислењето", рече Руте.
Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, смета дека денес е тешко да се постигне решение за претседателот на Комисијата на ЕУ.
„Полесно е да се избере папа отколку да се именуваат челници на европските институции", рече Варадкар.
Се очекува дека, покрај прашањата на сондирање и турско истражување на наоѓалишта на природен плин во Источен Медитеран, на самитот ќе стане збор и за ситуацијата на истокот на Украина, случувањата во Азовското море и продолжување на економските санкции на Русија.