Fatih Erel
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на муслиманите од Аракан кои за помалку од еден месец поради насилството во Мјанмар побегнаа во Бангладеш, достигна 429.000, соопшти портпаролот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Џоел Милман, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој изјави дека дневниот проток на бегалците е намален од 20.000 на околу 1.000. Меѓутоа и покрај намалувањето, приливот на бегалците од Мјанмар во Бангладеш и понатаму трае.
Портпаролот на УНХЦР, Андреј Махечиќ, денес во Женева предупреди дека камповите во Бангладеш се пренатрупани со бегалци од Мјанмар и оти постои ризик од појава на болести.
Тој потсети дека со зголемувањето на бројот на бегалците, зголемена е и потребата за помош на нивните екипи кои се наоѓаат на подрачјето во близина на двата официјални бегалски кампа во југоисточниот дел на Бангладеш.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, од утре престојува во тридневна посета на Бангладеш, каде што ќе ги посети бегалците и ќе ги запознае со моменталната ситуација.
Рохинџите веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарското подрачје Аракан.
Под изговор дека води борба против милитантни групи, мјанмарската војска во изминатите неколку недели разруши најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени да избегаат во соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународната организација, невозможно е со точност да се зборува за билансот на загинатите во нападите на муслиманските населби. Локалните невладини организации известуваат дека станува збор за илјадници убиени лица.