Hakan Çopur
17 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
ВАШИНГТОН
Во вооружени напади извршени во три салони за масажа во американската сојузна држава Џорџија животот го загубија 8 лица. Се дознава дека осомничениот е фатен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите објавени во американските медиуми, што се базирани врз полициски извори на градот Атланта, се вели дека во вечерните часови во градот се извршени вооружени напади во три салони за масажа.
Полицијата ја споделила информацијата дека првиот напад е извршен во попладневните часови по локално време во салон за масажа што им припаѓал на Азијци и се наоѓал во подрачјето Чироки, сместено во северниот дел на главниот град Атланта. Во овој напад животот го загубиле 4 лица.
Непосредно по овој инцидент, уште 3 лица беа застрелани и убиени во друг салон за масажа во центарот на градот Атланта, каде што била пријавена кражба. Кусо време по вториот напад, застрелано и убиено е уште едно лице во салон за масажа што се наоѓал во близина.
Полициските службеници кои го истражувале инцидентот известиле дека осомничениот Роберт Арон Лонг е уапсен синоќа и дека веруваат оти Лонг е извршителот на сите три напади.
Додека истрагата за инцидентот е во тек, американските медиуми објавија дека 6 од лицата што ги загубија животите во нападите се жени со потекло од Азија.