Ömer Faruk Yıldız
06 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Властите на островската земја Брунеј ја одложија примената на законот кој предвидуваше остри казни за истополовите односи и прељуба, јавува Anadolu Agency (AA).
Брунејскиот султан Хасанал Болкијах изјави дека примената на шеријатскиот казнен закон започнала минатиот месец, но дека некои одредби погрешно се сфатени и дека тоа предизвикувало загриженост на меѓународната сцена.
Тој изјави дека поради тоа повторно е пролонгирана примената на законот кој за истополовите сексуални односи и прељуба предвидува бичување и каменување до смрт.
Шеријатскиот систем во Брунеј е парцијално уведен пред пет години, а моментално на сила е комбиниран правен систем. Истополовите односи се и понатаму кривично дело за кое се предвидени затворски казни.
Голем број меѓународни организации и активисти го критикуваа воведувањето на ригорозните казни за хомосексуални односи и прељуба во Брунеј, а уметниците Џорџ Клуни и Елтон Џон повикаа на глобален бојкот на хотелите кои во светот се изградени со брунејски капитал.