Büşra Nur Bilgiç
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
БОГОТА (АА) - Владата на Еквадор постигна договор со демонстрантите за прекинување на масовните антивладини протести што ја зафатија земјата од почетокот на месецот, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите во Еквадор започнаа поради владината одлука за укинување на субвенциите за горивото.
Со цел да прекинат протестите и да се спречи понатамошна ескалација на немирите на улиците, претседателот на Еквадор, Ленин Морено, во Кито се сретна со претставниците на демонстрантите. Преговорите ги модерираше Арнауд Перал како претставник на Обединетите нации (ОН) во таа земја.
Преговорите беа пренесувани во директна телевизиска програма, а претседателот Морено го прифати барањето на демонстрантите за укинување на спорната одлука за запирањето на субвенциите.
За време на протестите беа уапсени стотина демонстранти, а владината одлука за укинување на повеќедецениските субвенции за гориво е донесена во рамките на реформскиот пакет со кој таа земја доби позајмица од 10 милијарди долари, вклучувајќи и 4,2 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд.
Договорот вклучува и откажување на пакетот на ММФ, како и формирање на комисија за изработка на нов план за надминување на кризата во Еквадор.
Претседателот на Еквадор, Морено, претходно прогласи двомесечна вонредна состојба и порача дека нема под никаков притисок да ја промени одлуката за, како што рече, „перверзните субвенции кои ѝ нанесуваат штета на државата“.
Еквадор е јужноамериканска земја во која во минатото, дури тројца претседатели поради уличните протести беа присилени да поднесат оставка.