Lokman İlhan
03 Мај 2019•Ажурирај: 04 Мај 2019
КАРАКАС (АА) - Венецуелската опозиција утре повторно ќе излезе на улица, по неуспешниот обид за воен удар на 30 април и протестите на 1 мај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Народното собрание на Венецуела, опозиционерот Хуан Гваидо, поддржан од Соединетите Американски Држави (САД), западните и земјите од Латинска Америка, на социјалните мрежи го сподели патоказот за соборување на Владата на претседателот Николас Мадуро.
Гваидо, укажувајќи на обидот за државен удар на мостот „Алтамира“, кој се наоѓа пред воздухопловната база „Ла Карлота“ во главниот град Каракас, заедно со поранешниот лидер на партијата Волунтад Популар (VP), Леополдо Лопез, кој се наоѓа во куќен притвор, истакна дека нема враќање назад во чекорите што се преземени.
Гваидо наведе дека покрај уличните демонстрации ќе започнат и со штрајкови кои ќе се прошират низ целата земја.
Тој, исто така, истакна дека плановите за соборување на Владата денес со своите приврзаници ќе ги сподели на мали состаноци низ целата земја, а утре повторно ќе излезат на улица.
Потенцирајќи дека протестите ќе бидат „мирни“ Гваидо рече дека ќе се организираат во областите каде што се наоѓаат значајни воени центри.
Тој, исто така, наведе дека во недела ќе се помолат за лицата што ги загубија животите во насилствата за време на протестите и ги повика вработените во јавниот и приватниот сектор да се приклучат на протестите.
Во Венецуела, која со месеци минува низ голема политичка криза, опозицијата на 30 април во раните утрински часови се обиде да изврши државен воен удар кој беше неуспешен.
Гваидо, група војници и Леополдо Лопез, кој го прекрши куќниот притвор, се појавија на мостот „Алтамира“, кој се наоѓа пред воздухопловната база „Ла Карлота“ и побараа народот да излезе на улица за да го соборат претседателот Николас Мадуро.
По овој повик, опозицијата во многу градови во земјата излезе на улиците, а подоцна протестите станаа насилни, особено околу „Ла Карлота“, во Каракас.
На крајот на денот, и поддржувачите на Мадуро излегоа на улица, и се собраа пред претседателската палата „Мирафлорес“. Лопез, прво избега во Амбасадата на Чиле, а потоа во шпанската Амбасада. Гваидо пак, во јавноста се појави со видеопорака и повторно го повика народот да излезе на улица.
Во Венецуела, Гваидо на 23 јануари положи свечена заклетва и самиот се прогласи за привремен претседател на земјата, а беше признат од страна на многу земји, вклучувајќи ги и САД и многу земји од Латинска Америка.