Erdoğan Çağatay Zontur
07 Март 2019•Ажурирај: 08 Март 2019
АНКАРА (АА) - Венецуелскиот амбасадор на Анкара изјави дека Венецуела ја поздравува улогата на Турција во посредувањето за тековната политичка криза во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние би биле среќни доколку Турција дејствува како посредник, бидејќи Турција е многу искрена земја.“
„Сепак, не сум сигурен дали опозициската страна ќе го прифати ова. Не знам дали опозицијата ќе седне на преговарачка маса“, изјави Хозе Грегорио Брачо Рејес за АА.
Рејес додаде дека единствениот избран претседател на Венецуела е Николас Мадуро.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои опозицијата ги бојкотираше.
Напнатоста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, и беше поддржан од страна на САД и многу европски и латиноамерикански земји. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро.
Рејес изјави дека Турција е голем поддржувач на Венецуела во кризните времиња.
Турција, заедно со Русија, Иран и Кина, застана зад Мадуро.
„Ние само сакаме мир“, истакна Рејес.
Критикувајќи го мешањето на Соединетите Американски Држави (САД) во внатрешните работи на Венецуела, амбасадорот изјави: „САД и нивните сојузници се обидуваат да ја поделат венецуелската армија и да создадат нестабилност.“
„Мадуро се соочи со тешка економска војна по изборите. Беше барано од него да го напушти Кабинетот, да ги раскине институционалните врски и да ја напушти земјата. Тие (САД) се приклонија кон нелегални методи поддржувајќи ја паралелната власт.“
Претседателот Мадуро нагласува дека е жртва на државен удар оркестриран од страна на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп укажа на воена интервенција како една од бројните опции што може да ги избере за да помогне во решавањето на кризата.
Критикувајќи ги американските санкции наметнати кон земјата, Рејес изјави: „Подобро да запрат со санкциите за да можеме да тргуваме и да му помогнеме на нашиот народ.“
Амбасадорот додаде дека цените на нафтата се „намерно“ намалени, со цел економски колапс на Венецуела.
Рејес изјави дека Венецуела изгубила речиси 350 милијарди долари откако започнале санкциите.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Венецуела се соочува со голем недостиг од храна и лекови и има највисока стапка на инфлација во светот.