Hasan Esen
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија ќе ги додаде кинеските вакцини Синовак и Синофарм и индиската вакцина Коваксин на листата на одобрени вакцини против Ковид-19 за дојдовните патувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од 4 часот наутро во понеделник на 22 ноември, вакцините против Ковид-19 од Листата за итна употреба (EUL) на СЗО ќе бидат признаени и сите лица под 18 години кои доаѓаат во Велика Британија ќе бидат третирани како целосно вакцинирани на границата“, се вели во соопштението.
Во Велика Британија, патниците кои се целосно вакцинирани и кои добиле сертификат за вакцина од една од над 135 одобрени земји и територии, не е потребно да направат тест пред патувањето, тест на 8-от ден или самоизолирање по пристигнувањето.
Наместо тоа, патниците ќе треба да платат само за брз тест што ќе се изврши пред крајот на вториот ден по пристигнувањето.
Британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, рече дека новата најава е чекор напред за туристичката индустрија, бизнисите и за семејствата и пријателите кои сакаат да се обединат или да заминат во странство.
„Црвената листа и системот за карантин остануваат од витално значење за заштита на нашите граници, и како што рековме, нема да се двоумиме од преземање акција со додавање земји на црвената листа доколку е потребно“, додаде тој.