Aysu Biçer
18 Јули 2024•Ажурирај: 19 Јули 2024
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес започна четвртиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), на кој се собраа повеќе од 45 лидери на европските земји, јавува Анадолу.
Самитот, во чија агенда се вклучени дискусии за Украина, енергијата, заштитата на демократијата и нерегуларната миграција, се одржува во палатата Бленхајм, родното место на поранешниот британски премиер Винстон Черчил. Познатата викенд-куќа се наоѓа на околу 100 километри од Лондон.
Британскиот премиер Кир Стармер е домаќин на самитот на кој ќе се одржат низа билатерални средби, за кои од безбедносни причини не е позната нивната точна локација на одржување.
Кралот Чарлс III ќе одржи прием за учесниците на самитот, додавајќи му кралска нота на настанот.
Британската Влада најави дека на самитот ќе бидат разгледани некои од најитните генерациски прашања со кои се соочува Европа денес.
Првпат присуствуваат претставници на НАТО, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Советот на Европа, што ја нагласи клучната потреба за единство во решавањето на конфликтите и нестабилноста во и блиску до европските граници.
Истакнувајќи ја тежината на ситуацијата, Стармер рече дека „Европа е во првите редови на некои од најголемите предизвици на нашето време“, нагласувајќи ја „варварската војна на Русија“ и нејзините широко распространети последици низ целиот континент.
„Не може да бидеме случајни минувачи во ова поглавје од историјата. Мора да направиме повеќе и да одиме понатаму, не само за храбрите Украинци на фронтот или за оние што се шверцуваат од земја во земја, туку и нашите идни генерации со гордост да се осврнат на она што нашиот континент го постигна заедно“, нагласи Стармер.
Стармер, кој беше силен поддржувач на останувањето на Обединетото Кралство во ЕУ, вети дека ќе го „промени начинот на кој Велика Британија работи со своите европски партнери“ за да се справи со овие критични предизвици.
Европската политичка заедница (ЕПЗ) е форум основан во 2022 година кој ги обединува европските земји за да ги координираат одговорите на заедничките прашања и предизвици. ЕПЗ нема свој секретаријат, ниту постојан персонал ниту финансиски средства. На самитите се усвојува заедничка изјава, а најголема вредност на овие самити се сметаат безбројните можности за билатерални средби.
Самитите на ЕПЗ се одржуваат двапати годишно, наизменично, еден во земјата претседавач со Советот на ЕУ, а другиот во земја надвор од ЕУ. Последниот самит се одржа во Гранада, Шпанија, во октомври минатата година, потоа во Велика Британија, а следниот ќе се одржи во Унгарија наесен.