İlker Girit
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада планира да преземе построги мерки за да се справи со пијаните патници за време на летовите, поради извештаите дека бројот на инцидентите поврзани со алкохол се зголемил за повеќе од една петтина во последните 12 месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците до коишто дојде „BBC“ од британската полиција, 387 лица во алкохолизирана состојба биле уапсени на аеродромите во Велика Британија во периодот од февруари 2016 до февруари 2017 година. Споредбено, за 2015-2016 година беа евидентирани 255 апсења.
Додека Домот на лордовите, Горниот дом на Парламентот, бара зајакнување на правилата за регулирање на продажбата на алкохол на аеродромите, Комитетот за внатрешни работи на Парламентот објави дека ги разгледува повиците за построга регулатива.
Новите предлози ќе ја ограничат продажбата на алкохол без царина. Сегашното законодавство им дозволува на судовите да ги затворат за период до две години патниците што го нарушуваат редот.
Минатата година, повеќето авиокомпании и аеродромите на Велика Британија се согласија за спроведување кодекс на однесување според којшто продавачите на бесцарински производи треба да ги предупредат патниците што ќе купат алкохол, да не го консумираат за време на летот.
Исто така, некои авиокомпании се обидоа да ги предупредат патниците за зголемените опојни ефекти на алкохолот кога тој се консумира во воздух.
Холандскиот авиопревозник „KLM“ објави упатство за предупредување на патниците: „Постои можност повеќе да се опиете во воздух отколку на копно консумирајќи ја истата количина на алкохол“, поради пониското ниво на кислорот во крвта.
Според Управата за цивилно воздухопловство на Велика Британија, членовите на екипажот имаат право да го пренасочат летот, да го избркаат пијаниот патник или да одбијат да ги превезуваат пијаните патници, доколку некој член од екипажот смета дека нивното однесување е вознемирувачко.