Ahmet Gürhan Kartal
24 Август 2020•Ажурирај: 25 Август 2020
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија денес соопшти дека суспендирањето на израелскиот план за анекција на делови од окупираниот Западен Брег е значаен чекор кон помирен Блиски Исток, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Важно е да се надоградува оваа нова динамика, и на крајот само Владата на Израел и палестинските власти можат да преговараат за дводржавното решение кое е неопходно за да се обезбеди траен мир“, се вели во писмената изјава на британскиот секретар за надворешни работи, Доминик Раб.
Изјавата на Раб доаѓа пред неговата овонеделна посета на Израел и на окупираните палестински територии.
Раб ќе оствари средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи.
„Доминик Раб ќе ја потенцира силната и постојана посветеност на Велика Британија кон безбедноста на Израел и ќе ја истакне потребата од преговори за дводржавното решение со цел реализирање на правдата и безбедноста и за Израелците и за Палестинците“, се вели во соопштението, без да се прецизира датумот на посетата.
„Тој, исто така, ќе ја потенцира потребата за продолжување на израелско-палестинскиот дијалог и поширока соработка за развојот, трговијата и коронавирусот“, се додава.
Раб „ќе изврши притисок за обновување на дијалогот меѓу нивните влади и ќе ја зајакне посветеноста на Велика Британија кон спречување на анексијата и кон спроведување на дводржавно решение“.
Посетата доаѓа по најавата дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел ќе ги нормализираат односите; потег кој Велика Британија го поздрави како многу потребна поддршка за мирот во регионот.
„Велика Британија постојано охрабруваше решение кое овозможува правда и безбедност и за Израелците и за Палестинците“, се нагласува од британското Министерство.
ОАЕ и Израел неодамна соопштија дека постигнале договор за нормализација на билатералните односи. Претседателот на САД, Доналд Трамп, лично го соопшти постигнувањето на договорот меѓу двете земји за целосно нормализирање на билатералните односи. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, пак, порача дека тоа е историски успех.
ОАЕ станаа третата земја од арапскиот свет која со Израел постигна договор за нормализација на односите, а претходно тоа го направија Египет (1979) и Јордан (1994).
Палестинското раководство, вклучувајќи ги движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народен фронт за ослободување на Палестина, порачаа дека договорот за нормализација на односите помеѓу ОАЕ и Израел претставува големо предавство.