Ahmet Gürhan Kartal
10 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, денес изјави дека Велика Британија презела напори против случаите на самоубиство со тоа што назначила нов министер со цел „борба против стигматизирањето“ поврзано со менталните здравствени проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешниот прв самит за ментално здравје одржан во знак на Светскиот ден на менталното здравје, британската Влада објави дека ќе ja назначи Џеки Дојл-Прајс за главна на ресорот за спречување самоубиства.
Хенкок изјави дека Велика Британија веќе постигнува напредок кога станува збор за спречување на самоубиствата, при што стапката на самоубиства е на најниското ниво во изминатите седум години, но истакна дека сепак мора да сторат повеќе за да се „изборат со стигматизирањето со кое лицата со ментални проблеми се соочуваат и да се осигура дека тие може да почувствуваат оти може да побараат помош“.
„Секое самоубиство е смрт што може да се спречи и решени сме да сториме сè што може за да се справиме со трагедијата на самоубиството“, додаде тој.
Дојл-Прајс, новоназначената министерка за ментално здравје, нееднаквост, и сега - превенција од самоубиство, рече дека разбира колку може да биде трагичен, катастрофален и долготраен ефектот од самоубиството за семејствата и заедниците.
„Во моето време како министерка за здравство, сретнав многу луѓе кои беа ужалени поради одредено самоубиство и нивните приказни за болката и загубата ќе останат со мене долго време“, изјави таа.
„Тоа се тие луѓе кои треба да бидат во сржта на она што го правиме и ја поздравувам оваа можност за да работам поблиску со нив, како и со експертите, за да го надгледуваме планот на Владата за спречување на самоубиствата, и да обезбедиме нивните ставови секогаш да бидат слушнати“, изјави таа.
Британската премиерка, Тереза Меј, вети помош од 1,8 милиони фунти (2,37 милиони долари) за хуманитарната организација за спречување самоубиства „Samaritans“, за да можат да продолжат да ја пружаат својата помош преку телефонска линија во наредните четири години.
Извршниот директор на организацијата, Рут Сатерленд, ја поздрави ваквата најава за финансирање на нивната група, кое ќе покрие околу 10 отсто од вкупните трошоци за помош за следните четири години и ќе им помогне да продолжат да ја обезбедуваат нивната услуга бесплатно.
Хуманитарната организација „Samaritans“ има 20.000 волонтери кои се достапни во секое време за секој што се бори да се справи со таквата ситуација, велејќи дека тие годишно одговараат на повеќе од 5 милиони лица што бараат помош.
Од Канцеларијата за национална статистика се вели дека во 2017 година во Велика Британија се регистрирани 5.821 случаи на самоубиство, според возраста стандардизирана стапка од 10,1 смртни случаи на 100.000 луѓе.